Напаѓачот во Берлин стасал по балканската рута

Возачот на камионот кој во понеделникот вечерта на божикниот базар во Берлин усмрти 12 и повреди 48 лица е бегалец од Пакистан, кој во Германија пристигнал кон крајот на минатата или на почетокот од оваа година преку ткн балканска рута, пренесуваат германските медиуми повикувајќи се на безбедносни извори.

„Возачот на камионот Нави Б. Роден 1993 година и најверојатно во февруари преку Балканската рута како бегалец стасал во Германија, каде прво е регистриран во Пасау“, пишува Bild, повикувајќи се на безбедносни извори.

Јавниот телевизиски сервис ARD јавува дека пакистанскиот бегалец во Германија стасал на 31-ви декември 2015 година, како и дека на власите им бил претходно познат по „ситен криминал“. Осомничениот е веќе префрлен во Карлсруе, каде Главното државно обвинителство во текот на денот треба да му одреди притвор.

Вораните утрински часови во вторникот, веднаш по апсењето на осомничениот, неколку стoтина метри од местото на нападот, полциијата извршила рација во бегалско сместување на аеродромот „Пемпелхоф“ и притоа на сослушување привела неколку млади мажи.

Според досегашните сознанија на истрагата, а како што пренесуваат германските медиуми, пакистанскиот бегалец во понеделникот во текот на денот украл шлепер со полски регистарски таблички. Засега не е познато дали тој го убил полскиот возач кој е пронајден на совозачкото место. Весникот Spiegel Online пишува дека полскиот возач е убиен со огнено оружје.

Сопственикот на полската шпедитеркса компанија тврди дека возачот не се јавувал на повиците од понеделникот доцна попладнето. Шлеперот превезувал метални прачки од Италија за Полска.