Над 500 пријави за возачот на камионот на смртта

Германската полиција добила 508 пријави за нападот во Берлин во кој загинаа 12 лица, но засега не е јасно дали има конкретни траги кои ќе доведат до апсење на осомничениот.

Градоначалникот на Берлин Михаел Милер порача дека е добро што не се заплашени жителите на тој град.

„Мислам дека нема потреба за страв,“ рече Милер за телевизијата ZDF, истакнувајќи дека полициското присуство е значајно засилено и дека се превземени сите неопходни мерки за пронаоѓање на сторителот, пренесува агенцијата AP.

„Нашиот живот не би бил толку слободен ако ги засилиме безбедносните мерки толку многу што би ги натерале луѓето да се плашат да одат било каде. Тоа не го сакаме,“ додаде тој.

Според пишувањето на германскиот весник Die Welt, безбедносните власти имале информации за можен терористички напад, дури и било наведено дека целта ќе биде божиќен пазар во Берлин.