Германската полиција ја започна потрагата ширум Европа по 24-годишниот Тунижанец Анис Амри, за кој се сомнева дека управувал со камионот со кој во понеделникот навечер на божикниот базар во Берлин беа смртно покосени 12 луѓе, а уште 48 беа повредени.
Анис Амри во Германија пристигнал во јули 2015 година. Според министерот за внатрешни работи на германската сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија, Ралф Јегер, бил „многу подвижен“, појавувајќи се прво во сојузната покраина Баден Витенберг, па потоа да дојде во Северна Рајна Вестфалија, каде што претежно живеел од февруари 2016 година.
Барањето на Амри за азил биле одбиеново во јуни годинава, а властите во градот Клев работеле на неговото депортирање, но според Јегер тоа не можело да биде сторено „бидејќи немал исправни документи за идентификација“, а и Тунис спорел дека е негов државјанин. Оваа северноафриканска држава на крајот се согласила да испрати заменски документи кои стигнале во средата, два дена по нападот.
„Не сакам натаму да ја коментирам оваа ситуација“, изјави Јегер кој претходно се жалеше на тешкотиите при депортирање на североафриканските криминалци во нивните матични држави.
Документите на Амри покажуваат дека денеска, четврток, полни 24 години. Користел неколку лажни имиња, и го следеле безбедносните служби сметајќи го за закана, Јегер истакнува дека Тунижанецот бил поврзан со исламски радикали,
Весникот Sueddeutsche Zeitung, меѓу другото, објави и дека Амри бил поврзан со мрежата на салафистичкиот проповедник Абу Вал, кој неодамна беше уапсен во градот Хилдешејм.
Амри минал четири години во затвор во Италија, каде што пристигнал во 2011 година како бегалец. На Сицилија бил сместен во центар за прифаќање за малолетници, пренесува италијанската новинска агенција Ansa. Во текот на неговиот престој во центарот сторил „различни злосторства“, вклучително и предизвикување пожар во него, пишува италијанскиот дневен весник La Stampa.
Обвинет е кога станал полнолетен, и е испратен во затвор. Откако ја одлежал казната италијанските власти се обиделе да го вратат во Тунис, но поради проблемите со тамошните власти, на Амри му било овозможено да ја напушти Италија и отпатувал на север, во Германија.
Во Германија берлинските власти веќе го истражувале Амри, поради сомневање за планирање терористички напад. Имале информации за планови да изведе грабежи за да обезбеди пари со кои ќе купи оружје, веројатно за подоцнежен терористички напад. Поради тоа во Берлин бил следен во периодот меѓу март и септември.
Меѓутоа, единствено откриле дека работел како ситен препродавач на дроги во паркот Герлицер кој е познат по растурање наркотици, Државните обвинители тврдат дека тие информации им ги препратиле на надлежните власти, и дека со тоа завршило следењето на осомничениот.
Документи на Амри пронајдени во камионот употребен во нападот, но се поставува прашање како тие таму завршиле. Но се поставува прашањето: дали таму се оставени намерно за да се преземе одговорноста, дали на Амри му испаднале додека се борел со полскиот возач на камионот или се украдени и подметнати за да се наведе истрагата во погрешен правец?!
„Не е сигурно одека тој учествувал во нападот“, заклучи Јегер, а сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер, рече дека Амри засега се води како осомничен.