Убиецот на рускиот амбасадор Андреј Карлов во понеделникот во турската престолнина Анкара, младиот турски полицаец Меврлу Мерт Алтинташ претходните неколку денови вршел извидување на местото каде што подоцна ќе го изврши атентатот а во собата од хотелот во кој престојувал се принајдени книги и пропаганден материјал за терористичката организација Ал Каеда, ако и за ФЕТО, како што турските власти ја именуваат мрежата поврзана со исламистичкиот проповедник Фетулах Ѓулен кого го обвинуваат и за неуспешниот државен удар од средината на јули, пишува во средата весникот Milliyet.
Атентаторот изнајмил соба во хотел во непосредна близина на Центарот за современа уметност, каде го понеделникот вечерта на отворањето на изложба на фотографии го уби рускиот амбасадор и рани уште три лица. Следниот ден тој дошил до салонот со такси од анкарскиот кварт Кечиорен и проверувал дали може непречено да влезе во изложбениот простор како полицаец без да го мине детекторот за метал. Повторно дошол во салонот и на 19-ти декември, на денот на убиството.
Му платил на таксистот во готово, но не ја земал сметката. Претходно утрото купил нов костум, кој го носел во моментот на нападот. Во хотелската соба, којашто ја запечатила полицијата, пронајдени се ракописни записи со исламистичка и џихадитичка содржина, книги за терористичката мрежа Ал Каеда, Во неговиот дом, пак, биле пронајдени материјали и литература поврзани со движењето на имамот Фетулах Ѓулен, кој од 1999 година живее во егзил во САД.
Самиот Ѓулен изрази жалење поради убиството на рускиот амбасадор и уште еднаш отфрли дека е вмешан во обидот за воен удар од ноќта на 15-ти јули годинава, за што го обвинуваат властите во Турција. Анкара бара да ѝ биде предаден, но од Вашингтон одговараат дека не добиле валидни докази за неговата наводна вмешаност.
Алтинташ по пукањето во амбасадорот извикал „Алаху акбар“ (Господ е голем), и оти тоа е одмазда за Алепо, а шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу му кажал на американскиот колега Џон Кери дека Анкара и Москва знаат дека зад атентатот стои мрежата на имамот Фетулах Ѓулен, пишуваа претходно во средата турските медиуми.
Во галеријата влегол како полициски службеник, покажувајќи ја значката откако го активирал детекторот за метал со пиштолот кој го носел. Според последните полициски извештаи, тој последните две ипол години бил припадни на специјалните сили во Анкара, а од јулскиот пуч осум пати бил ангажиран во специјалната единици која се грижи за безбедноста на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, зад прстенот од личните телохранители.
По пукањето во амбасадорот и извиците на арапски јазик, откако насобраните ја напуштиле салата порачал дека „ќе го изнесат само мртов“. Тој подоцна бил застрелан од двајца припадници на министерството за внатрешни работи.
Весникот забележува дека во Анкара нема стандардна практика за доделување лично обезбедување на странските амбасадори. Таквите мерки се носат по индивидуални барања, а од руска страна немало такво барање, пишува Milliyet и додава дека амбасадорот Карлов на ваквите настани одел без обезбедување.
Според весникот, постојано лично обезбедување во Турција имаат само амбасадорите на САД и на Израел. Американскиот амбасадор го обезбедуваат специјално обучени луѓе, додека израелскиот го обезбедуваат лица од разузнавачката служба Мосад.
Според последните сознанија на турските медиуми во средата продолжиле апсењата на лица кои се осомничени дека би можеле да бидат поврзани со атентатот врз рускиот амбасадор. Досега биле приведени 13 лица, од кои шест се во покраината Ајдин, од каде што потекнувал атентаторот. Некои веќе биле спроведени во Управата за безбедност за давање искази, а другите ќе бидат доведени во текот на денот во Анкара.
Инаку во истрагата што ја води Турција се вклучени и 18 руски експерти од разни области на криминалистиката.