Врските на убиецот на рускиот амбасадор во Анкара, Андреј Карлов, укажуваат на неговата припадност на организацијата на опозицискиот исламски проповедник Фетулах Ѓулен (FETO), изјави во средата турскиот претседатал Реџеп Тајип Ердоган.
„Оваа валкана организација, за жал, е навлезена во нашата армија и полицијата. Атентатот врз амбасадорот е јасен доказ за тоа. Трагите водат во странство..“, изјави на прес-конференцијата во турската престолнина Анкара, претседателот Реџеп Тајип Ердоган.
Според него амбасадорот Андреј Карлов бил особен дипломат.
„Тој никогаш не се мешаше во внатрешните работи на Турција и правеше сé што е можно за развивање на односите меѓу Анкара и Москва“, додаде Ердоган.
Од Кремљ претходно изјавија дека нема да брзаат со заклучоците кој стои зад убиството на дипломатот. Според портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, ќе треба да се почекаат резултатите од истрагата на заедничкиот истражен тим.
Атентатот врз рускиот амбасадор беше извршен во понеделникот вечерта во галерија во Анкара, на отворање на изложба на фотографии. Убиецот, полицаец кого го сметале дека е телохранител на Карлов, застанал зад него и неколку пати му стрелал во грбот извикувајќи исламистички пораки.
Подоцна во средата одговорноста за нападот ја презема сириската вооружена коалиција Џаиш ал-Фатах, во кој е и радикалната Џебхат ал-Фатах ал-Шам, или поранешната Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда.
Турските медиуми, повикувајќи се на извори од истрагата, објавија дека во хотелската соба што ја изнајмил убиецот Мевлут Мерт Алтинташ, како и во неговиот дом биле откриени материјали и книги за Ал Каеда и за движењето на имамот Фетулах Ѓулен, кој во вторникот изјави дека не е поврзан со атентатот.