Ердоган порача дека Турција може да ја продолжи вонредната состојба, Јункер предупредува

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја предупреди во саботата Европската унија дека Турција може да ја продолжи вонредната состојба, којашто е на сила од неуспешниот обид за воен државен преврат од 15-ти јули, за уште најмалку три месеца, а истовремено претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ја повика Анкара да не ги потценува предупредувањата за запирање на преговорите за членството во ЕУ и да ги спроведе реформите.

Во својот говор во Истанбул во саботата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повторно ја нападна Европската унија, откако во четвртокот мнозинството пратеници во Европскиот парламент ја поддржаа резолуцијата, којашто инаку не е обврзувачка, во која се повикува на привремено запирање на пристапните преговори со Турција, поради „незауздената репресија“ којашто трае од неуспешниот обид за соборување на власта во Турција.

Ердоган, исто така, повторно порача дека Турција може да ја врати смртната казна, што се смета за одлука којашто дефинитивно би значела и крај не преговорите со Анкара,. Притоа турскиот челник порача дека за ова прашање ќе го слуша турскиот народ а не „Ханс“ или „Џорџ/Жорж“, наведувајќи ги двете чести европски имиња.

Во текот на вонредната состојба во Турција се приведени околу 37.000 луѓе, на што во Брисел реагираат поради големата димензија што се спроведува во правосудството, безбедносните сили, образованието и академските кругови, како и справувањето со прокурдската опозиција.

„Можеби вонредната состојба ќе биде продолжена за три месеца, а пота можеби за уште три месеца. Тоа е одлука којашто ќе ја донесат владата и парламентот. Што вие имате со тоа?!“, му порача Ердоган на Европскиот парламент.

Турскиот претседател потсети дека Франција, исто така, воведе вонредна состојба откако минатата 2015 година беше погодена од серија терористички напади од кои особено крвав беше оној од 13-ти ноември кога беа убиени 130 луѓе во Париз и го обвини Европскиот парламент за лицемерство.

Истовремено во Брисел претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, порача дека Турција не би смеела да ја потцени резолуцијата донесена во Европскиот парламент за привремено замрзнување на пристапните преговори, и покрај тоа што таа не ги обврзува на спроведување институциите на Европската унија. Според Јункер, таа сепак ќе има влијание врз престолнините на земјите членки кои одлучуваат за членството во ЕУ.

Јункер во интервјуто за белгискиот дневен весник La Libre Belgique од саботата ги отфрли заканите од Ердоган за завршување на договорот за имигрантите и бегалците кој драстично го запре приливот на имигантите во западните и северните земји на Европа од Блискиот исток и од Азија.

Тој го повикува турскиот претседател да ги спроведе потребните реформи, доколку сака турските граѓани без визи да патуваат во земјите од ЕУ.

Ова, покрај финансиската помош од три милијарди евра за згрижување на околу три милиона претежно сириски бегалци во Турција, беше една од клаузулите во мигрантскиот договор меѓу Брисел и Анкара, меѓутоа турската страна протестираше дека тој не беше исполнет според предвиденото до почетокот на ова лето.