НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола и НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“-Скопје денес отворија ретроспективна изложба „Мајка Тереза – вечниот ангел на милосрдието“ со што продолжи културниот караван на таа национална установа во повеќе градови во Република Македонија.
Изложбата освен во градови низ државата два пати беше претставена надвор од границите на Република Македонија, односно во Рим (2012) и годинава во македонскиот културно информаивен центар во Софија, посочи Рената Кутера Здравковска, директор на НУ „Спомен Куќа на Мајка Тереза“-Скопје.
-Мисијата на Мајка Тереза ја презентираме преку документи и фотографии затоа как што е познато дека Мајка Тереза како личност кон материјалното никогаш не придавала некакво значење и затоа нема многу артефакти. Нашата фото и видео документација постојано ја збогатуваме, почнавме скромно со 40-на фотографии а во меѓувреме откупивме нови фотографии и видео снимки и сега фондот на Музејот е значително збогатен, истакна Кутера Здравковска.
Изложбата „Мајка Тереза – вечниот ангел на милосрдието“ ја отвори Димитар Котевски, почесен претседател на Македонското научно друштво-Битола кој нагласи дека публиката во Битола има ретка можност низ фотографии да се запознае со животот и делото на како што рече најголемата хумана мисионерка во светот, Мајка Тереза.