Продолжува политичката неизвесност во Македонија имајќи ги предвид тесните изборни резултати, изјави, во понеделник, пратеникот на Европскиот парламент Тонино Пицула, кој беше набљудувач на изборите во Македонија одржани во недела.
„Изборните резултати покажуваат продолжување на високата поларизација и политичките поделби во македонското оптество… Во овој момент навистина владее неизвесност каков ќе биде изборниот резултат, Разликата е маргинална меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, вели во телефонска изјава за агенцијата Hina Пицула, кого групацијата S&D го именуваше за известувач од сенка за Македонија.
Македонската конзервативна партија ВМРО-ДПМНЕ освои 37,96 отсто од гласовите на неделните избори, додека опозициските социјалдемократи СДСМ освоија 36,65 отсто од гласовите.
Според зборовите на Пицула, самата кампања и изборниот ден минале без некои поголеми инциденти и беше главно мирно со мали забелешки мерки кои можат да се упатат на секој изборен процес.
Пицула забележува дека Македонците се поларизирале меѓу две политички групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, додека Албанците во Македонија својата поларизација ја изразиле поинаку.
Тие очигледно ја казнија Демократската унија за интеграција (ДУИ), најголемата албанска партија во Македонија, која беше партнер на ВМРО-ДПМНЕ во досегашното владеење, но изгубија речиси десет мандати во Собранието, а зајакнаа сосема нова албанска политичка партија БЕСА, смета Пицула.
Уште неколки албански политички партии поради специфичниот изборен систем си осигураа мандати.
„Што ќе значи тоа конечно? Мислам дека една незивесност ќе продолжи околу составувањето на новата македонска влада. Во овој момент навистина не е јасно кој би требало да ја состави со оглед на поларизацијата и не се знае колку стабилна ќе биде таа влада“, вели Пицула.
Тој смета дека можни се секакви сценарија, но дека најмалку изгледна е голема коалиција затоа што тоа ништо не би решило, со оглед на големите поделби и разлики. Единствено што ги поврзува ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е јасната проевропска иднина на Македонија, додека по сите останати прашања значително се разликуваат.
Што се однесува до можноста за воспоставување малцинска влада, прашање е колку стабилна би била таа и колку долго би се одржала.
Пицула не ја отфрла можноста за одржување нови избори и смета дека таа можност не е нереална. „Дали до нив ќе дојде напролет во комбинација со локалните избори кои треба да се одржат, засега не е јасно“
На прашањето дали ЕУ ќе ги притисне албанските партии да не одат во коалиција со Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Пицула вели дека тоа е тешко да се каже, но додава дека некои ја спомнуваат американската страна која сигурно е заинтересирана за случувањата во Македонија.
Овој момент не е јасно каква ќе биде политиката на новата американска администрација кон овој дел на Европа, но Американците секако се фактор кој не би требало да се занемари, додава.
Пицула потсетува дека изборите во недела беа последица на политички договор во чие постигнување учествуваше Европската унија, со цел да се сопре кризата која трае веќе две години. Македонија, зафатена со внатрешнополитички судири, сама не можеше да најде излез од политичката криза.