Манчевски: Сите опции се отворени

Иако располагаат со апсолутна бројка, сепак постојат разлики од копиите од записниците на избирачките одбори и оригиналите, па шефот на изборниот штаб на СДСМ и потпретседател на партијата Дамјан Манчевски на прес-конференција во понеделник рече дека за да се даде проекција на бројот на освоени мандати мора да се почекаат да се соберат сите податоци.

„Се уште ги пребројуваме гласовите и сите опции се отворени. Ќе почекаме до крајот на денот за да може финално да кажеме“, изјави Манчевски.

Во врска со проекциите на ДИК, според кои односот ВМРО ДПМНЕ- СДСМ е 51 наспрема 49 мандати, Манчевски рече дека разликата е премногу мала и дека се можни промени, бидејќи се уште собираат записниците од терен.

На новинарско прашање, дали сега министрите од СДСМ кои беа дел од оваа Влада за спроведување на изборите ќе се повлечат тој рече дека треба да се почекаат официјалните резултати за да може, како што рече да се потврди дека со режимот е завршено.

„Ние пишуваме историја не само во државата туку и во регионални и во светски рамки. Поразивме режим со пенкало со вас. На сите вас граѓаните сакаме да ви се заблагодариме што сте дел од овој процес за иградба на нова светла, просперитетна Македонија, Македонија која отвора иднина за младите луѓе во оваа земја и за секој човек. Сите, и оние кои беа принудени својот глас да го дадат за режимот ќе ја почувствуваат слободата. Сето она што го говоревме цело време дека секој е важен, она што е многу важно е секој да остане доследен на овие процеси кои ги отовривме вчера, за подобар живот во Македонија и за напредок на државата“, изјави Манчевски.

На предвремените парламентарни избори одржани во недела, според последната промена на податоците на веб страната на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија освоиле 452.709 гласови, СДСМ и Коалицијата 436.469, ДУИ 86.812, Движење БЕСА 57.927, Алијанса за Албанците 35.091 и ДПА 31.017 гласови.