Да се изгради ѕид на границата со Македонија, за да се сопре бранот бегалци, бара Ненад Поповиќ, претседател на Српската народна партија.
„Место да реагира одлучно на предупредувањата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, дека ќе ги отвори границите за три милиони мигранти, Брисел ја забива главата во песок како ној, и му покажува на целиот свет дека нема ни сила ни капацитет да се носи со растечката мигрантска криза“, се наведува во пишаната изјава на Поповиќ.
Според него, тоа е причина зошто српската влада веќе не смее да се потпира на слабата и збунета Европска унија, туку мора да води самостојна мигрантска политика, штитејќи го државниот интегритет и националната безбедност на Србија.
Се почестите убиства, обиди за убиства и силувања, кои на територија на Србија ги вршат агресивните мигранти, укажуваат на тоа дека тие се се поопасни и дека претставуваат директна закана за безбедноста на граѓаните, смета Поповиќ.
„Затоа барам надлежните органи да преземат мерки да се запре неконтролираниот прилив на мигранти во Србија, а сите мигранти кои се наоѓаат на територија на Србија да се депортираат“, додава тој.