Најмалку 132 жители на израелскиот град Хаифа настрадале во пожарите кои беснеат речиси цела седмица, пишуваат тамошните медиуми во неделата.
Сите лица биле хоспитализирани, од кои повеќето набрзо ја напуштиле болницата, пишува дневниот весник Haaretz. Проблемите кај настраданите главно биле предизвикани од вдишување чад и немало опасност по нивното здравје и живот, се додава.
Големите пожари започнаа претходно оваа седмица речиси истовремено во неколку региони на Израел. Пожар беснее во близина на селото Натаф недалеку од Ерусалим, шума и нискостеблеста шума горат и во подрачјето Латурн меѓу Тел Авив и Ерусалим. Посеверно е тешка ситуација поради пожарите на приодите од градовите Хаифа, Хадера и Зихрон-Јаков, Во некои области израелската влада прогласи вонредна состојба и спроведена е евакуација на локалното население.
За гаснењето на пожарите на израелските власти помош во авиони цистерни им испратија Азербејџан, Грција, Италија, Кипар, Русија, Турција, Хрватска и Шпанија.