Најмалку 16 цивили убиени во џихадистички напад врз предградие на Мосул

Најмалку шеснаесет цивили загинале во минофрлачки оган отворен од позициите на екстремната сунитска групација Исламската држава во северен Ирак, соопштија во саботата болнички извори.

Според претставници на ирачката војска гранатирањето продолжило од ноќта во петокот од саботата утрото, во предградие на Мосул во кое од неодамна се водат жестоки борби меѓу владините сили и џихадистите на Исламската држава, пренесува агенцијата Associated Press.

Операцијата за ослободување на вториот по големина ирачки град Мосул кој од летото 2014 година е под контрола на Исламската држава, започнаа на 17-ти октомври. Во неа покрај ирачките владини сили, вклучени се и локалните сунитски милиции и шиитските доброволци поддржувани од соседен Иран, како и единиците на ирачките Курди познати како Пешмерга, а добиваат воздушна поддршка од меѓународната коалиција предводена од САД.

Од северот и истокот на градот напаѓаат армијата и специјалните антитерористички единици, кои успеаја да навлезат во неколку квартови на речиси двомилионскиот Мосул. Од југ, кон самопрогласената „престолнина“ на Исламската држава настапуваат федералната ирачка полиција. Шиитските милиции, пак, ја добија една од најсложените задачи да го исчистат од џихадистите стратешки важниот град Тал-Афар и да го пресечат патот за снабдување на терористите во Мосул од териториите кои се под нивна контрола во соседна Сирија.