Исламската држава стои зад уапсените во Франција

Петтемина осомничени, кои беа уапсени минатиот викенд во Франција поради сомневање дека планирале терористички напади во француската престолнина Париз и околината, примале упатства од челниците на екстремната сунитска организација Исламска држава во Сирија и во Ирак, изјави во петокот парискиот обвинител.

„Ќелијата од Стразбур и мажот уапсен во Марсеј добиле упатства да набават оружје. Упатствата ги дал командант од ирачко-сирискиот регион преку кодирани апликации“, изјави во петокот на прес-конференција обвинителот на Париз, Франсоа Мулен.

Обвинителот додаде дека полицијата кај нив запленила автоматско оружје, како и дека нападите ги планирале за 1-ви декември, меѓутоа француските власти сé уште не ја откриле точна цел на нивниот планиран напад.

Новиот напад во Франција е спречен во антитерористичка операција изведена ноќта од саботата кон неделата во Стразбур и во Марсеј, во текот на којашто се приведени вкупно седум лица, но две набрзо се пуштени на слобода. Другите петмина, четворица Французи и Мароканец, во петокот се изведени пред судија.

Осомничените на интернет истражувале „десетина локации“ вклучително и Божикниот саем кој се одржува на Шанзелизе, парискиот забавен парк „Дизниленд“, тераси на кафулиња во североисточниот дел на главниот град, седиштата на париската полиција и една постојка на подземната железница, изјави во четвртокот за AFP неименуван полициски извор.