Европската унија ја обвинува Анкара дека не се држи до своите клучни обврски од договорот за бегалците и му забележува на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за наводен диктаторски режим и за приближување со рускиот колега Владимир Путин, а овој се закани со референдум за иднината на пристапниот процес во ЕУ и признава дека е разочаран од САД.
По исцрпувачкиот процес кој трае повеќе од половина век, дали сега е дојден крајот на турскиот пат кон Европската унија? До пресвртот дојде по неуспешниот државен удар од 15-ти јули кога Брисел луто го критикуваше немилосрдното пресметување на власта со пучистите и неистомислениците а Анкара ја обвини Унијата дека не покажала солидарност со земјата во којашто се случи обид за насилен воен преврат и соборување на власта.
Турција формално го поднесе барањето за членство во Европската унија во 1987 година, а пристапните преговори започнаа дури во 2005 година. Но амбицијата на Турција да стане дел од европската заедница датираат уште од 1960-те години. Аналитичарите велат дека и покрај сите проблеми, двете страни сакаат да ја задржат илузијата на пристапниот процес. Освен тоа, Брисел е свесен за важноста од договорот со Турција за намалувањето на приливот на имигрантите во Европа.
Турската влада по пропаднатиот пуч објави дека би можела да предложи враќање на смртната казна, што е потег за кој од ЕУ предупредија дека би значело моментално крај на пристапните преговори.
„Тие треба да одлучат дали ќе одат натаму со Турција или без неа“, порача во октомври Ердоган. Меѓутоа, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнамер, кој ја посети Анкара во текот на втората седмица од ноември, рече дека тоа не е одлука на Европа или на европските престолнини, туку е на Турција.
Ајкан Ердемир од Фондацијата за одбрана на демократијата со седиште во Вашингтон вели дека во Брисел владее „неволност“ во врска со прекинот на пристапниот процес со Турција. „Продолжувањето на европскиот пат на Турција, се смета за едно од последните средства коишто ЕУ ги има на располагање за контрола на самоволното владеење на Ердоган“, вели Ердемир.
Рој Карадаг, политички аналитичар од Универзитетот во Бремен, пака, смета дека пресметката на власта со противниците всушност значи „крај на турскиот пристапен процес“.
Меѓутоа, барем за надвор, челниците на ЕУ сакат продолжување на тој процес. Само Австрија на состанокот на министрите за надворешни работи предложи негово запирање. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерина изјави дека е „многу важно каналите да останат отворени меѓу кандидатите и партнерите и ЕУ“.
Портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин, во текстот објавен минатиот петок во весникот Daily Sabah пишува дека членството во ЕУ е „стратешка цел“ на Турција и дека преговорите треба да бидат забрзани, а не запрени.
Сонер Кагаптај, директор на Турската програма во вашингтонскиот Институт за блискоисточна политика, изјави дека ЕУ е болно свесна дека ѝ е неопходна соработката на Ердоган во имигрантската криза. Ердоган „би можел да блефира и да замине од ЕУ знаејќи дека ЕУ ќе дојде кон него напролет го Егејот ќе затопли и повторно ќе тргнат бегалците“, оценува.
Веќе следниот ден Ердоган изјави дека неговата земај не треба да биде истрајна за влез во ЕУ, сугерирајќи дека Анкара би можела да ѝ пристапи на Организацијата за соработка од Шангај (SCO), во којашто водечки земји се Кина и Русија.
„Турција би требала да се чувствува опуштено во врска со прашањето за ЕУ, а не тоа да ѝ биде фиксација. Некои би можеле да ме критикуваат но јас ги изнесувам моите мислења. На пример, се прашувам зошто Турција не би ѝ пристапила на Организацијата од Шангај?“, рече Ердоган во неделата патувајќи за Узбекистан потврдувајќи дека за тоа разговарал со рускиот и со кинескиот претседател.
Ердоган и претходно повеќепати го изнесе планот за пристапување во Организацијата од Шангај, која е организација за политичка и економска соработка која и собира Кина, Русија, и поранешните советски републики од Централна Азија. Пакистан и Индија, исто така, се сé поблиску до интеграцијата во оваа групација земји.
Од друга страна, во вторникот челниците на двете најголеми политички групации во Европскиот парламент упатија повик до Европската унија да ги прекине преговорите за членство со Турција, заради суспензија и отпуштање на повеќе од 10.000 лица по неуспешниот воен удар, уапсени се околу 36.000 лица и затворени неколку медиуми.
„Нашата порака до Турција е многу јасна – пристапните преговори треба веднаш да бидат замрзнати“, наведе лидерот на најголемата фракција во Европскиот парламент, Европската народна партија (EPP). Слична изјава даде и лидерот на социјалистичката групација, Џани Питела.