Исламистичката коалиција Џаиш ал-Фатах во која влегува и екстремната групација Џебхат Фатах ал-Шам, поранешната Џебхат ан-Нусра сириското крило на Ал Каеда, ја презема во средата одговорноста за убиството на рускиот амбасадор Андерј Карлов во понеделникот вечерта во турската престолнина Анкара.
Веста ја објави електронската верзија на весникот Ал-Yawm Ал Sabie која објавува и копија од соопштението на споменатата коалиција екстремни исламистички групации кои дејствуваат во Сирија, особено во покраината Идлиб.
Борците на оваа коалиција заедно со вооружената опозиција до неодамна даваат отпор во источните квартови на северниот сириски град Алепо, од каде беа протерани од владините сили чиј сојузник е Русија.
Според објавеното соопштени турскиот полицаец Мевлут Мерт Алтинташ, кој го изврши убиството на рускиот амбасадор во анкарскиот Центар за современа уметност на отворање изложба на фотографии во понеделникот вечерта, бил припадник на оваа организација.
Очевидци на убиството тврдат дека по пукањето во амбасадорот Алтинташ извикувал „Алаху акбар“ (Господ е голем) и порачал дека тоа е одмазда за Алепо.
Турските медиуми во средата пишуваат дека полицијата ги притворила родителите и сестрата на Алтинташ, а при претресот на хотелската соба во Анкара којашто ја изнајмил пред атентатот и во неговиот дом во покраината Ајдин биле пронајдени книги и пропаганден материјал за терористичката организација Ал Каеда, ако и за ФЕТО, како што турските власти ја именуваат мрежата поврзана со исламистичкиот проповедник Фетулах Ѓулен кого го обвинуваат и за неуспешниот државен удар од средината на јули.