Германската полиција уапси осомничен за учество во терористичкиот напад со камион врз толпа луѓе на божикен базар во понеделникот вечерта во Берлин, објави во средата телевизијата RBB повикувајќи се на извори во безбедносните служби кои истовремено истакнале дека не станува збор за непосредниот извршител.
Магазинот Bild, исто така, во средата пишува дека по сослушувањето првиот осомничен, 23-годишниот бегалец од Пакистан, уапсен во понеделникот вечерта на стотина метри од местото на нападот, веќе е пуштен на слобода. Истрагата, имено, покажала дека тој воопшто не бил замешан во нападот.
Според полициски извори на весникот, осомничениот терорист кој со 25-тонскиот шлепер влета во масата луѓе убивајќи 12 и повредувајќи уште 48 лица, е ранет и полицијата по него трага во медицинските институции во германската престолнина.
Во Bild исто така е објавена фотографијата на наводно осомничениот за нападот кој се идентификува како Анис А, по потекло од Тунис, кој има меѓу 21 и 23 години и поседувал наводно неколку пасоши. Тој од порано и бил познат на полицијата, и бил обвинуван за нанесување телесни повреди но не успеале да го уапсат. Официјално од полицијата не е потврдена оваа информација,
Инаку во вторникот екстремната исламистичка групација Исламска држава преку своите интернет страници ја презема одговорноста за нападот во Берлин.
Органите на прогонот во Германија сметаат дека за кусо време ќе го фатат вистинскиот извршител на нападот. Како што наведуваат од полицијата во Берлин, криминолозите проучуваат во моментов повеќе од 500 различни индиции и сведоштва и продолжуваат со испрашувањето на очевидците.
Полицијата во цајтнот
По улиците и плоштадите на германската престолнина забележливи се зајакнати полициски патроли, пренесуваат агенциите. Како што е најавено во средата навечер повторно ќе бидат отворени многубројните божикни базари, кои во вторникот во знак на солидарност со жртвите од берлинскиот напад беа затворени ширум Германија. Плоштадот Брејтшајдплац, во центарот на западниот дел на Берлин, и натаму останува блокиран од полицијата. Таму уште работат криминолозите од берлинската полиција, кои собираат докази, со цел да се дојде до трага за вистинскиот извршител на нападот.
Операциите на германската полиција сега се фокусираат на нови траги, откако од државното обвинителство на Германија објавија дека 23-годишниот бегалец од Пакистан, кој првично беше осомничен за нападот и убиство на возачот на грабнатиот камион, не е вмешан во нападот.
Германските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, пишуваат дека истрагата во моментов ги анализира податоците од тахографот и навигацискиот систем на камионот, се обидуваат да го пронајдат мобилниот телефон на напаѓачот за да ги утврдат неговите контакти и правци на движење на денот на нападот.
Од германското здружение на детективи и криминолози се убедени дека напорите на истрагата во блиска иднина ќе доведе до апсење на вистинскиот напаѓач.„Сигурен сум дека утре или во најкус рок ќе биде приведен нов осомничен“, изјави челникот на здружението Андре Шулц.
Полскиот херој
Возачот на полскиот камион се борел со терористот што го нападнал кога пристигнал во Берлин, и во моментот на нападот уште бил жив, покажуваат најновите сознанија на берлинската полиција. Иследниците веруваат дека Полјакот, кој се наоѓал на совозачкото место до последниот момент се обидувал да го спречи терористот и да го сврти воланот и да го изведе камионот од просторот на кој се одржува базарот. Експертите истакнуваат дека во позла на оваа верзија зборува податокот дека камионот минувајќи 80 метри преку базарот, пред да застане нагло го променил правецот на движењето.
Според криминолозите, како што пренесуваат германските медиуми, меѓу наводниот терористи и неговиот заложник во кабината на возилото се водела борба, во која напаѓачот прво употребил нож а потоа ги застрелал Полјакот. Овие тврдења за полската телевизија ги потврдил и сопственикот на шпедитерската компанија Ариел Журавски кој својот вработен морал да го идентификува по фотографија.