Германската полиција има нови информации поврзани со убиецот од Берлин, откако бил извршен детален претрес на камионот. Полицијата открила „жешки траги“ кои водат до 24-годишно момче од Тунис.
Под седиштето на камионот, со кој е извршен масакрот во Берлин, полицијата пронашла лични документи на туниски државјанин по име Анис А (24) роден во градот Татавин, пренесе „Шпигл“. Според истиот извор, осумничениот бил повреден, а во камионот била пронајдена негова ДНК.
Осумничениот бил познат под различни имиња и различни датуми на раѓање. „Алгемајне Цајтунг“, наведува дека вториот идентитет му е Ахмед А. Документите биле издадени во округот Клеве, во северна Рајна-Вестфалија.
Германските медиуми наведуваат дека документот пронајден во камионот е ткн. „Дулдинг“, односно потврда која привремено го одложува протерувањето.
Весниот „Велт“, наведе дека осумничениот користи најмалку четири идентитети и дека полицијата го смета за „исклучително опасно лице“. Живеел во Берлин и во Северна Рајна. Осумничениот поднел барање за азил, а постапката сеуште била во тек.
Од друга страна „Билд“, наведе дека Анис А. има повеќе пасоши и дека има помеѓу 21 и 23 години. Познат и е на полицијата поради нанесување на телесна повреда, но не бил обвинет. Истражителите сметаат дека е опасен бидејќи бил дел од исламистичка мрежа. Сите имиња во лажните пасоши на Тунижанецот започнуваат со буквата „А“.
Одговорноста за нападот во Берлин, во кој беа убиени 12, а ранети 48 лица, во вторникот ја презеде Исламската држава.