Младиот турски полицаец кој го уби рускиот амбасадор во Анката Андреј Карлов во понеделниот вечерта, осум пати бил ангажиран во обезбедувањето на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган од јули, пишуваат во средата медиумите, ден пред погребот на амбасадорот и комеморацијата на којашто ќе присуствува и рускиот претседател Владимир Путин.
Дневниот весник Hurriyet во средата пишува дека полицаецот Алтинташ, кој служел во Анкара во интервентните полициски сили последните две ипол години, бил припадник на безбедносна единица која го следела турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во осум наврати по неуспешниот обид за воен удар од ноќта на 15-ти јули годинава.
„Беше припадник на групата која се грижеше за безбедноста на претседателот, веднаш зад телохранителите“, пишува Андулкадир Селви, кого го сметаат за новинар близок на високите кругови на турските власти.
И покрај тоа што откако убиецот истрела неколку куршуми во амбасадорот извика „Алаху акбар“ (Господ е голем), и оти тоа е одмазда за Алепо, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу му кажал на американскиот колега Џон Кери дека Анкара и Москва знаат дека зад атентатот стои мрежата на имамот Фетулах Ѓулен, кого САД одбиваат да ѝ го предадат на Турција која го обвинува за неуспешниот јулски пуч. Ѓулен, кој негира дека е вмешан во обидот за државен удар, исто така, во вторникот изрази жалење за убиството на рускиот амбасадор.
Турција и Русија формираа заедничка комисија за истрага на убиството на дипломатот, убиен со неколку куршуми од зад грб. Рускиот дел од тимот го сочинуваат 18 иследници, разузнавачи и полицајци, кои во вторникот утрото пристигнаа во Анкара за да учествуваат во истрагата.,
Во средата е објавено и дека рускиот претседател Владимир Путин ја одложува традиционалната голема прес-конференција и оти во четвртокот ќе присуствува на комеморацијата во чест на амбасадорот Карлов. Исто така, ќе биде одржан и верски обред во црквата „Христот Спасителот“ во Москва.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Путин одлучил да ја одложи прес-конференцијата и да ја презакаже за во петок, за да може да учествува на комеморацијата.
Од Кремљ во средата, исто така, соопштија дека е прерано да се заклучи кој стои зад убиството на рускиот амбасадор во Турција, откако Анкара директно го обвини имамот Фетулах Ѓулен. Истовремено долниот дом на рускиот парламент повика на јакнење на безбедносните мерки за руските дипломати во странство по убиството на амбасадорот.