Германската полиција ја интензивира потрагата по возачот на камионот

Германската полиција ја интензивира во средата потрагата по возачот на камионот кој уби 12 луѓе во понеделникот вечерта на божикниот базар во главниот град Берлина, и притоа соопшти дека следи повеќе траги.

Откако на слобода е пуштен барателот на азил од Пакистан уапсен во близина на местото на нападот, германските власти предупредија дека напаѓачот е во бегство и дека веројатно е вооружен. Соопштија, исто така, дека не е познато дали сторителот дејствувал сам или имал помагачи.

Претходно во вторникот џихадистичката сунитска организација Исламска држава(ја презеде одговорноста за нападот со камион на божикен саем во Берлин, во кој во понеделник загинаа 12 луѓе, наведува AMAQ, пропагандна агенција на ова џихадистичка група.

„Извршителот на операцијата…во Берлин е војник на ИД кој ја изведе операцијата како одговор на повиците мети да бидат државјани на земјите од коалицијата“, наведе AMAQ.

Директорот на Здружението на германските детективи за германската јавна телевизија изјави дека полицијата се надева оти наскоро ќе изврши ново апсење.

„Прилично сум уверен дека можеби утре или во блиска иднина ќе имаме нов осомничен“, изјави Андре Шулц во емисија на ZDF.

Весникот Passauer Neue Presse во средата а пренесува изјавата на челникот на групата министри за внатрешни работи на 16-те германски сојузни земји, Клаус Бујон, кој изјавил дека се потребни поостри безбедносни мерки.

„Сакаме да го зголемиме присуството на полицијата и да ја зајакнеме безбедноста на божикните базари. Ќе имаме повеќе патроли. Службениците ќе бидат вооружени со автомати. Сакаме да го отежнеме пристапот до местата на кои се одржуваат базарите и саемите со возилата кои ќе бидат паркирани попречно“, изјавил Бујон за весникот.

Камионот тежок 25 тони се залета во понеделникот вечерта во дрвените куќички во кои се продавало варено вино и колбаси и притоа уби 12 луѓе а уште 48 се повредени. Меѓу жртвите шест се Германци, а возачот на камионот од Полска, е најден убиен во кабината на возилото.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека на сите „особено тешко ќе им падне доколку се потврдат претпоставките дека сторителот на овој чин е некој којшто овде во Германија побарал заштита и азил. Тоа би било особено гнасно и кон многуте германски граѓани кои секојдневно се грижат за бегалците, како и кон другите бегалци на коишто заштитата во нашата земја навистина им е потребна и кој се трудат да се интегрираат во ова општество“,

Дел од германските политичари, пак, и овојпат сметаат дека политиката на Меркел на отворени врати за имигрантите е виновна за серијата терористички напади извршени од лица кои во Германија влегле како бегалци и имигранти, и повикаа на промена на миграциските и безбедносни политики, по овозможувањето повеќе од милион луѓе да везат во земјата во последните две години.

Така европскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) соопшти во вторникот оти смета дека Германија повеќе не е безбедна, Баварскиот министер за внатрешни работи, Јоаким Херман, пак, во средата за германското радио изјави дека постои поголем ризик од исламистички напади поради приливот на имигранти.