Деновите на Земјата стануваат сé подолги

Деновите на Земјата стануваат сé подолги, но тоа секако нема наскоро да се забележува, бидејќи ќе бидат потребни околу 3,3 милиони години за да бидат продолжени за само една минута, се наведува во студијата објавена во списанието Proceedings of the Royal Society.

Во последните 27 векови, просечно денот на планетава се продолжил за околу 1,8 милисекунди по век, заклучува британскиот тим научници автори на споменатата студија.

Тоа е „значително помалку“ од претходно проценетите 2,3 милисекунди по век, за што би биле потребни „само“ 2,6 милиони години за дополнителна една минута.

„Тоа е многу бавен процес. Тие процени се приближни затоа што геофизичките сили кои дејствуваат на ротацијата на Земјата нема нужно да бидат постојани во текот на толку долг временски период“, вели за AFP водечката авторка на студијата Лесли Морисон, пензиониран астроном од Кралската опсерваторија во Гринич.

На ротацијата на Земјата, меѓу другото, влијаат гравитацијата на Месечината, промената на обликот на Земјата поради топењето на мразот на половите, електромагнетната интеракција меѓу обвивката и јадрото, како и промените во нивото на морињата, велат научниците.

Забавувањето на Земјината орбита е причина поради којашто на секои неколку години мора да се прилагодуваат високопрецизните часовници за да се осигури да останат синхронизирани со ротацијата на планетата.