Италија отвора автопат, 55 години откако започна да се гради

Најдолгиот проект од сферата на јавните градежни работи во Италија, автопатот низ регионот Калабрија свечено официјално ќе биде отворен во четвртокот, но 55 години откако започна неговото градење.

Датумот на отворањето на автопатот низ Калабрија го одреди пред десет месеци сега веќе поранешниот италијански премиер Матео Ренци, кој исполнувањето на рокот го претвори во прашање од националната гордост. Меѓутоа, во италијанската јавност се изразува голема недоверба околу тоа дали инфраструктурата навистина е подготвена пренесува новинската агенција Ansa.

Агенцијата којашто управува со италијанските автопати ANAS, автопатот А3 од Салерно до Реџо Калабрија, во должина од 443 километри, го претставува како инженерско чудо со 190 тунели и 48- мостови и надвозници преку планинските подрачја.

Автопатот, кој требаше да биде завршен уште во 1972 година беше пуштен во сообраќај во 1974 година, но со делници кои повеќе наликуваа на државен пат отколку на автопат со чести застои и метежи, особено во летниот период.

Локалниот весник Corriere della Calabria, на својот портал објави видео снимка на којашто се гледа дека на некои места и натамо може да се вози по само една коловозна лента со ограничување на брзината, сугерирајќи дека автопатот сé уште не е завршен.

Синдикатот на вработени во одржувањето на патиштата сугерираат дека автопатот нема да биде целосно завршен до 2018 година. Портпаролката на ANAS, пак, го тврди спротивното и вели дека работите кои се планирани се само за редовното одржување.

За да ја убедат јавноста дека автопатот е завршен, директорот на ANAS, Џани Виторио Армани и министерот за инфраструктура организираа посета на последната делница во придружба на новинарите. Потоа заминаа во Вила Сан Џовани, каде се сретнаа со премиерот Паоло Џентилони, пренесува Ansa.

Локалните власти велат дека подобрата патна инфраструктура добро би ѝ дошла на Калабрија. Регионот на врвот на „италијанската чизма“ е најсиромашниот во земјата и поради тоа е добар терен за цутење на една од најсилните мафијашки организации ‘Ндрагета.