Пораз од Ла Риоха, Металург ги загуби шансите за второто место

Металург загуби од на гостувањето кај Ла Риоха 31:25 (16:14), во деветтото коло во Ц групата во Лигата на шампионите. Со овој пораз Металург ги загуби шансите за пласман на втората позиција во групата.

Составот на Лино Червар играше егал со искусниот противник 40.минути, но техничките грешки кои ги направија младите „металурзи“ во последната третина од натпреварот ги однесоа во пораз.

Ла Риоха го контролираше натпреварот од самиот почеток, имаше предност и од четири гола во еден момент 12:8, но упорните играчи на Металург не му дозволија на противникот уште во тие моменти да го реши мечот.

Во последната третина од мечот тимовите влегоа со 19:19 кога зачестија техничките грешки во македонскиот состав. Два гола Ла Риоха постигна од својата половина кога Металург напаѓаше без голман, во серијата 6:0, со која и го скрши отпорот на Металург.

Вања Илиќ постигна седум, а Немања Обрадовиќ пет гола за Металург, додека Фернандез со 10 голови ја предводеше Ла Риоха.

Во оваа група до крајот треба да се одигра уште едно коло, кое на програмата е на 12. февруари наредната година, кога Металург ќе го пречека тимот на Чеховски Медведи.