Бешикташ: Ова е вистински кошмар

Тренерот на Бешикташ, Шенол Гунеш, не сакал да го коментира натпреварот во Киев, каде неговиот тим доживеа дебакл од Динамо, за да не биде казнет од УЕФА.

Бешикташ во вторникот гостуваше во Киев, му беше потребна победа за да избори пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите, но во првото полувреме доживеа класичен нокаут од Динамо, со голема помош на шкотскиот судија Крег Томпсон.

Шкотскиот арбитар, при водство на Динамо 1:0, во 30. минута досуди во најмала рака спорен пенал за домаќинот и му покажа црвен картон на дефанзивецот на Бешикташ, Бек.

Динамо поведе со 2:0, а во самиот финиш на првиот дел играчите на украинскиот тим постигнаа уште два гола.

„Поразот боли, ова не го заслуживме. Не сакам да коментирам, бидејќи ќе ме казнат. Ова беше вистински кошмар. Првиот гол заслужено го примивме, но вториот беше голема грешка. Ист третман имавме кај судиите и на мечвите со Наполи и Бенфика“, рекол Гунеш.

По катастрофалниот пораз од 6:0 играчите на Бешикташ им се извиниле на своите навивачи со ветување дека достојно ќе ја претставуваат Турција во Лига Европа.