УСАИД го поддржува фестивалот „Битола отворен град 2016“ на Младински културен центар – Битола

Денес, 22 јуни 2016 година, Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ-Битола), поддржан од УСАИД Македонија, го започнува 15-тото издание на фестивалот „Битола отворен град 2016“.

Четиридневниот фестивал ќе биде одржан на различни локации на главната улица Широк сокак во Битола и ќе вклучува два улични концерти, уметнички инсталации и изложба на стрипови, проекција на документарни филмови за важни општествени прашања (загадувањето на воздухот и животните услови во студентските домови), како и неколку работилници за граѓански иницијативи. Фестивалот ќе послужи како важна платформа за многумина уметници, млади луѓе и учесници од граѓански организации, да ги искажат своите ставови за општествено релевантни теми преку културни активности. Сите настани се бесплатни.

 

На отворањето на фестивалот, Директорот на МКЦ-Битола Г-дин Сашо Додовски, изјави дека во овој период на политичка неизвесност, „фестивалот „Битола отворен град“ креира простор за младите од Македонија да го зајакнат нивното граѓанско учество преку градење на партнерства со уметниците, новинарите и граѓанските активисти“.

 

Младински културен центар – Битола е независна, невладина, непартиска и непрофитна младинска организација основана во 1997 година, чија мисија е обединување и развој на креативните потенцијали на младите луѓе и поттикнување на граѓанскиот активизам. Младинскиот културен центар – Битола досега организираше 14 изданија на фестивалот „Битола отворен град“ со преку 400 настани и учесници од преку 40 земји од светот. Фестивалот „Битола отворен град“ создава простор за промоција на демократските вредности. Со употреба на културата и уметноста, учесниците на фестивалските настани се охрабруваат да ги искажат своите погледи и ставови и да се здружат заедно за да го зајакнат конструктивниот јавен дискурс.