ТРИ ГОДИШЕН КОНТИНУИТЕТ НА ПРОГРАМАТА ЗА ОПШТИНСКО- КОРИСНА РАБОТА

Со задоволувањето на европските стандарди за живеење од 2014 година,  во Домот за стари лица „Сју Рајдер“-Битола  и во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ Битола се спроведува проектот „Здравствена заштита и помош кон стари лица и образовна медијација на децата Роми во одделенска настава“ во рамките на програмата за Општинско-корисна работа, односно по предлог програмата за активни мерки за вработување на Владата на Р. Македонија.

Општина Битола веќе трета година аплицира за програмата за Општинско – корисна работа и трет пат добива ангажирање на невработени лица од социјална категорија.

Градоначалникот на Општина Битола д-р. Владимир Талески им ги врачи договорите за работа на ангажираните лица и изјави:

„ Овој проект го добиваме по трет пат, а оваа година ни се одобрени 10 лица, кои ќе работат следните шест месеци.  Се работи за проект каде што партнери се Општината Битола, Домот за стари лица „Сју Рајдер“, основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“, УНДП и Здружението за развој на ромската заедница „СУМНАЛ“. Овие 10 лица кои што се ангажирани се поделени во две групи, 7 од лицата ќе работат овде во Домот за стари лица „Сју Рајдер“  и 3 лица од новопримените ќе работат во основното училиште „ Ѓорѓи Сугарев“. Тоа значи дека овој проект е поделен во два дела, едниот е здравствена заштита и помош на корисниците во домот, а другиот дел е едукација и медијација во образование за дечињата Роми во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев “, истакна градоначалникот Талески.

Директорката на Домот за стари лица Марица Тодоровска, од името на  корисниците во домот се заблагодари на заедничката соработка на сите вклучени страни за конечна реализација на овој проект и истакна дека „секоја подадена рака е добредојдена“.

Во однос на техничкиот дел од проектот координаторот на проектот Сашо Илијовски додаде дека вработените лица ќе работат 20 часа неделно, со скратено работно време и при тоа ќе добиваат финансиски надоместок од 6.200 денари.

Првата цел на овој проект е да се овозможи згрижување и помагање на невработени лица од тешко вработливи категории од една страна и ангажирање на дополнителен број вработени кои што ќе им го олеснат животот во повозрасни години од друга страна.

Втората цел е потребата да се интегрираат децата Роми во рамките на системот преку нивно сопствено образование.