Судскиот совет в понеделник ќе избира в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1-Скопје

На седница на Судскиот совет ќе се решава кој ќе ја извршува функцијата в.д. претседател со оглед на тоа што мандатот на актуелниот претседател Владимир  Панчевски му истекува в недела.

Како што сега стојат работите мали се шансите Панчевски да продолжи да ја извршува функцијата и како „вршител на должност” со оглед на тоа што тој, во однос на другите двајца кандидати има најслаба оценка, а згора на се има и неколку кривични пријави.

Во моментов, како кандидати за местото претседател се јавуваат и судиите Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ.

Судијата Џолев, со кривична пријава го обвини Панчевски дека вршел влијание при донесување на судска одлука, а Туфегџиќ побара Судскиот совет да го поништи огласот за избор на претседател на Основниот суд Скопје 1- Скопје поради нерамноправност.

Низ судските кулоари веќе се шпекулира дека можен нов в.д. претседател да биде избрана судијката Дијана Груевска-Илиевска, којашто меѓу некои свои колеги важи како „протеже” на Владимир Панчевски, бидејќи се работи за една од ретките судијки која му остана лојална, според извори од скопската „единица“.