СДСМ: Над 180 илјади граѓани живеат со по 40 денари на ден

Светска банка ја потврди тажната вистина за Македонија и нејзините граѓани дека над 180 илјади граѓани живеат со по 40 денари на ден, велат од СДСМ.

„Промашените економски политики на Никола Груевски го полнеа џебот на неколкумина луѓе од врвот на власта, а ги осиромашуваа останатите граѓани. Една четвртина од населението или околу 500 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштија. Затоа граѓаните на 11-ти декември имаат избор или сиромаштија или достоинствен живот“, порачуваат од СДСМ.

„За достоинствен живот мора да има и достоинствена плата и грижа за социјално загрозените категории на граѓани. Во нашиот План за живот минималната плата веднаш уште во првите четири месеци ќе ја зголемиме на 12 илјади денари и таа ќе важи еднакво за сите работници. До крајот на мандатот минималната плата ќе изнесува 16 илјади денари“, стои во соопштението од СДСМ.

„Ќе воведеме и програма за минимален адекватен приход за граѓаните кои живеат во сиромаштија. Секое четиричлено кое не остварува никаков приход ќе добие 12 илјади денари месечно, а семејствата што остваруваат приход под 12 илјади денари ќе ја добијат разликата до 12 илјади денари“, заклучуваат од партијата.