Рециклирај и рестартирај – твојот е-отпад те наградува

Вчера, на Плоштад Магнолија во Битола, во организација на Екоцентар 97 ДООЕЛ Скопје и Елколект  ДОО Скопје се одржа првиот едукативен  јавен настан во нашата држава за подигнување на свеста кај граѓаните за постапување со електричен и електронски отпад.

Е отпад е отпад од електрична и електронска опрема кои го создаваат домакинствата и правните субјетки вклучувајќи ги и сите составни делови, потсклопови и потрошни делови и материјали кои се дел од производот во моментот на исфрлање.

Ваквиот тип на отпад  не е комунален и не треба да биде исфрлен било каде бидејќи содржи најразлични штетни материи од типот на олово, жива, фреони и други токсични елементи кои што влијаат штетно по човековото здравје (пречки во развојот кај децата) и животната средина.

„Мисијата на Екоцентар 97 ДООЕЛ Скопје  е да ги намали штетните и опасни материјали во природата и да спречи понатамошно загадување со цел да се обезбеди поздрава и почиста животна средина и среќни и насмеани лица, за таа цел посебно внимание обрнуваме кон Е-отпадот“- рече Снежана Бачевска Јосифовска од Екоцентар 97, во своето обраќање до присутните.

Настанот предизвика интерес кај битолчани кои донесоа отпад а понесоа награди.

„Нашата мисија е воспоставување на системот за управување со отпад од електрична и електронска опрема (корпи за одделно собирање на електричени електронскси отпад во малопродажните објекти на нашите членки), информирање на крајните корисници за потребата од одделно собирање на отпадот (една од тие активности е и оваа), организирање на собирни центри (еден таков пример е и еко-магацинот кој го даваме на користење на општината а има за цел да ви послужи бесплатно да се ослободите од габаритниот електричен отпад кој можеби ви зафаќа простор во домовите/подрумите), подигање на јавната свест (една од тие активности е и оваа) и исполнување на Националните цели за преработка и повторна употреба на отпадната електрична и електронска опрема“- рече Фани Христовска  од Елколект, во своето обраќање до присутните.

Присутните на Плоштад Магнолија ги забавуваше групата „Мемфис Мафија“ и  балетското студио „EXPOSE“. Посебен интерес кај битолчани предизвика поставката на рачно изработениот накит од рециклиран материјал на младата дизајнерка Маја Стојковска.

Настанот го подржаа компаниите АМЦ, ЈОКИ, Пан Европа, Мотоцентар и Општина Битола. Екоцентар 97 ДООЕЛ Скопје и Елколект  ДОО Скопје ги наградија поддржувачите со тоа што секое домаќинство кое одлучи да се ослободи од овој вид отпад доби ваучер за попусти кај партнерите на настанот, а тројца од нив си отидоа дома со фото апарат, таблет и лаптоп.