Радован П. Цветковски – годинашен добитник на наградата за животно дело на Општина Демир Хисар

На свечена седница на Советот на Општина Демир Хисар, беше врачена наградата за животно дело на познатиот македонски писател, есеист, критичар и научен работник, Радован П. Цветковски.

Во свеченоста, покрај советниците присуствуваа и други претставници на јавниот живот во општината, како и ученици од средното и основните училишта.

–    Денешниов настан посебно ме радува и исполнува бидејќи го посветуваме на еден од многубројните демирхисарски маѓепсници на зборот кој со својот петдецениски литературен и научен труд се потврди како вистински воин на духот и перото – рече покрај другото во своето пригодно обраќање претседателот на Советот Ѓоко Василевски и додаде, дека важноста и вредноста на ова највисоко општинско признание се дотолку поголеми бидејќи се доделува првпат од основањето на општината, пред повеќе од 7 децении.

Во името на неформалната група на предлагачи – познати и истакнати културни и научни дејци и јавни работници од Демир Хисар и Битола, за животниот пат и творештвото на лауреатот Цветковски говореше писателот Добре Тодоровски кој рече дека како најзначајни дела од големиот книжевни опус на Цветковски посебно се издвојуваат Речникот на демирхисарскиот говор, Студијата за демирхисарскиот говор и Сказанија демирхисарски – дела заради коишто авторот е посебно заслужен за оваа награда.

По приемот на наградата, пригодно обраќање на благодарност имаше лауреатот,  поет, раскажувач, романсиер, литературен критичар и научен работник, Радован П. Цветковски кој рече дека наградата му е особено важна и значајна бидејќи му се доделува од општина каде што тој се родил, живееле и учителствувал поголем дел од својот живот, што се доделува за првпат од основањето на општината и што се препознаени, потврдени и верификувани уметничките и научните вредности на неговото творештво.
– Имам исклучителна благодарност и почит кон сите кои придонесоа денеска да го примам ова високо признание и кон сите кои ме удостоија со своето присуство. Наградата е секогаш голема. Но таа е уште поголема кога се прима од општината Демир Хисар и од луѓето од каде што е и добитникот. Ви благодарам за честа што ми ја укажавте денеска. Да даде Господ да ви чади оџакот.- рече Цветковски