Проект за помош и грижа на стари лица и образовна медијација кај деца Роми

Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески денеска го посети Домот за стари лица „Сју Рајдер“ и приреди промоција на заедничкиот проект на локалната самоуправа, Министерството за труд и социјална политика и УНДП за помош и едукација на старите лица сместени во таа установа.

На средбата со новинарите, Талески посочи дека помошта, едукацијата и медијацијата ќе ја вршат 13 избрани лица кои ќе бидат ангажирани со 4-часовно работно време и во функција на лицата кои се згрижени во локалниот Дом за стари лица „Сју Рајдер“, а дел и во ОУ „Ѓорги Сугарев“.

Избраните лица ќе бидат ангажирани во период од шест месеци за чиј ангажман се обезбедени околу 500.000 денари. Очекуваме голем придонес од нив бидејќи ќе им помагаат на посебна категорија луѓе вложувајќи ја својата стручност и желба да помагаат на возрасните, а во основното училиште ќе им помагаат на најмладите. Овие проекти се од корист за сите, како за корисниците така и за персоналот во Домот кој секојдневно е со старите лица во оваа установа, нагласи Талески.

Реализацијата на проектот „Помош и грижа и здравствена заштита на старите лица и образовна медијација кај деца Роми“ е поддржан од Владата на Република Македонија.