Повеќе од 60 компании се претставија на овонеделниот Саем за вработување, кој се оддржа во град Битола

Битола, денес беше домаќин на караванот Саеми за вработување, кои се во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија. Битолчани имаа можност одблизу да се запознаат со работата и да поразговараат со дел од одговорните лица на повеќе од 60 компании, колку што беа присутни на саемот. Голем број резимеа беа оставени кај потенцијалните работодавци, кои едногласно ја поддржуваат оваа караванска активност, која досега посети 6 градови во Републиката.

“На наше задоволство, денес караванот Саеми за вработување се наоѓа во Битола. Она што радува, е фактот дека повеќе од 60 компании се присутни со своја презентација, што е нуди диверзитет, воедно и повеќе опции за граѓаните да се запознаат одблизу со компании од различни дејности. Целиот караван, како што јавноста веќе добро е запознаета, е насочен кон доближување на понудата и побарувачката на пазарот на труд. Овој модерен, интерактивен пристап е карактеристичен за сите развиени земји во светот, па така Република Македонија не е исклучок. Цврсто веруваме во резултатите кои овој караван ќе ги даде, па токму затоа и го продолжуваме истиот низ уште неколку градови во Републиката”, изјави Влатко Поповски, директор на Агенцијата за Вработување на Република Македонија.

Саемот за вработување во Битола, налик останатите од караванот Саеми низ Републиката, беше одлично посетен. Граѓаните коментираа за предноста на овој начин на запознавање со компаниите, како можност самите вработени да увидат за каков профил се работи, притоа оставајќи можност за понатамошно продолжување на комуникацијата, и евентуално вработување на граѓанинот.

„Оставив резиме кај неколку компании, кои верувам дека би можеле да бидат мој следен работодавец. Истите се дел од гранката во која воедно сум стручен, па верувам дека овој Саем ќе донесе убави вести за мене. Во секој случај, Саемот за вработување е за поздрав, пред сѐ поради големиот број компании присутни тука денес”, изјави Славе М., невработен граѓанин со постојано живеалиште во Битола.

Караванот Саеми за вработување, повеќе од месец и половина ја обиколува Република Македонија. Околу 350.000 граѓани досега ги посетија саемските денови, на кои се претставија преку 500 компании кои делуваат во републиката.

Следниот во низата саеми, во организација на Агенцијата за Вработување на Република Македонија, ќе се оддржи во градот Куманово.