Патувачкиот новинарски семинар „По стапките на Албер Лондр“ во општина Новаци

Од 1 до 15 август во Македонија се реализира патувачки новинарски семинар „По стапките на Албер Лондр“. Под менторство на 6 познати француски новинари, 12 млади новинари од Франција и Балканот ќе патуваат во Македонија и Албанија, ќе истражуваат и ќе пишуваат за трагите од Првата светска војна.

Овие млади новинари „ги следат стапките“ на познатиот француски новинар и патеписец, Алберт Лондр. Пред 100 години, токму Албер Лондр пишувал за ситуацијата во Македонија за време на Првата светска војна. Меѓу многуте локации младите новинари ја посетија и општина Новаци и познатата Кота 1050 како и неколку места каде се водеше т.н Солунски фронт.

Општина Новаци во партнерство со Пегаз ЕДУ, АЛДА и Регионот Долна Нормандија спроведува проект за „ Валоризација на културното наследство од Прва светска војна на територијата на Општина Новаци“.

Проектот „По стапките на Албер Лондр“ се одржува по четврти пат на различни теми: во 2012 година младите новинари го истражуваа животот на младите на Балканот додека пак во 2013 година известуваа од Тур де Франс. Проектот е инспириран од патеписите на Албер Лондр. Овој познат француски новинар е еден од основоположниците на истражувачкото новинарство на почетокот на 20 век. Познат е по репортажите од целиот свет, Бразил, Камбоџа, Африка. Во Македонија престојувал  неколку години за време на Првата светска војна. Позната е неговата книга „Комитите“ во која ја опшува желбата на Македонците за независна држава.

Проектот е координиран од страна на организацијата „По стапките на Албер Лондр“ во соработка со Асоцијацијата на агенции за локална демократија (АЛДА) – Скопје. Овој проект се реализира во рамките на програмата за децентрализирана соработка Долна Нормандија – Македнија и мрежата на француски локални власти кои соработуваат со Балканот, Франција – Балкан.