Олбрајт: Името сега е најмал проблем, настаните во Куманово се загрижувачки

Поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт смета дека во моментов за Македонија, спорот за името со Грција е најмал проблем и дека последните случувањата како што беше инцидентот во Куманово, се загрижувачки. 

Според нејзе, во врска со инцидентот во Куманово мора да се добијат повеќе информации, односно да се види улогата на Косово, како и односот на Грција.

„Прашањето за името сега како да е најмал проблем, сите и онака го користат името Македонија. Во текот на викендот имаше настани кои беа многу загрижувачки. Тие укажуваат на екстремистички активности, на етнички поделби. Треба да видиме на кој начин Косово е поврзано, да видиме што прави Грција. Мислам дека спорот за името не е најважно прашање во моментов“, изјавила Олбрајт, за време на конференција за политичката состојба во БиХ во универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.

Олбрајт се осврнала и на минатото на спорот за името, опишувајќи ги бизарните процедури низ кои морало да се поминува во Обединетите нации само за да се организира посета на македонските политичари, на што грчките дипломати интензивно се спротиставувале. Според нејзе имало ситуации кога американските дипломати му сугерирале на Генералниот Секретар на ОН да се префарбаат јарболите за знамињата само да се избегне прашањето околу тоа кое знаме ќе се вее при посета на Глигоров.

„Се сеќавам на лудоста на спорот за името. Ако една добра работа произлезе од војната во Косово е тоа што веќе не моравме да го повторувам тоа ‘поранешна југословенска република’ секогаш кога ќе сведочев пред Конгресот. Тоа беше една од најлудите меѓународни дискусии на сите времиња”, изјавила Олбрајт./крај/мф/бс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.