Иванов: Неопходно е одговорно однесување од сите вклучени во изборниот процес

Неопходно е одговорно однесување од сите вклучени во изборниот процес, бидејќи граѓаните на Република Македонија заслужуваат достоинствени избори, порача во четвртокот Претседателот Ѓорге Иванов, во текот на посетата на припадниците на Армијата на Република Македонија на граничниот премин Меџитлија крај Битола.

„Граѓаните на Македонија заслужуваат достоинствени избори како што доликува на земја која 25 години е во демократија и спроведувала неколку изборни циклуси. Очекувам сите во натамошниот период од кампањата да се однесуваат достоинствено и како што налагаат нашиот Устав и нашите закони. Тие што излегуваат од овие рамки, не е лошо да го препрочитаат Уставот и да ги видат сите одредби што се однесуваат на државното уредување и да го имаат предвид државниот интерес“, порача Иванов.

Шефот на државата притоа истакна дека сите коишто ќе се обидат да го нарушат изборниот процес, треба да бидат санкционирани.

„За сите оние што се обидуваат со што и да е го попречат зборниот процес, надлежните институции не треба да имаат никаква милост, ниту толеранција. Посакувам сево ова да заврши и, конечно, Македонија да го преброди овој тежок период низ кој минува веќе две години и граѓаните да почувствуваат стабилност и просперитет“, додаде Иванов.

Спроведувањето фер и демократски избори е неопходно, смета Иванов, за Европската унија да преземе поинаков пристап кон земјата и да го сврти вниманието кон македонските евроинтеграции.

„Македонија го заслужува тоа, и со осумте извештаи сме покажале дека ги исполнуваме условите да добиеме датум за почеток на преговори“, заклучи.