Граѓаните ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, а Никола Груевски го сакаат за премиер

Граѓаните во Македонија, повторно би ја избрале владејачката партија на изборите, а за премиер повторно би го ставиле Никола Груевски, покажа анкетата на институтот „Павел Шатев“.

Имено, на прашањето „За кого ќе гласате на изборите на 11 декември?“ 27,8 отсто од испитаниците се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, а 16,2 отсто за СДСМ. Висок е процентот на оние кои рекле дека нема да гласаат,  дури 28,9 отсто, а неопределни се 13,9 отсто. За ДУИ се определиле 4,8 отсто, а за ДПА 2,3. Забележително кај албанските партии БЕСА ја има наклонетоста на 3,2 отсто од испитаниците, а Алијансата на Албанците 1,5 отсто.

Политичар во кој имаат најмногу доверба се уште е Никола Груевски, со 28,3 отсто, а Зоран Заев ја има довербата од 10,7  отсто. Но, во никого не веруваат 23,2 отсто од испитаниците.

Сепак, повторно за премиер би го избрале Никола Груевски високи 50,4 отсто од избраниците, не вклучувајќи ги испитаниците Албанци, а Зоран Заев за премиер го сакаат 14,1 отсто.

Подобра изборна програма, без испитаници Албанци, сметаат дека има ВМРО-ДПМНЕ високи 47, 5 отсто, а повеќе им се допаѓа програмата на СДСМ на 18,2 отсто.

На прашањето „Дали ја поддржувате идејата за двојазичност на цел на територија на Македонија и нов рамковен договор за поголеми права на Албанците (Без испитаници Албанци)“, со „Не“ одговориле 93,5 отсто, а речиси исто толку одговориле дека на овие избори не би поддржале партија која се залага за концептот за двојачиност.

Анкетата е спроведена во периодот помеѓу 30 ноември и 2 декември 2016 година од  Институтот „Павел Шатев“,телефонски, на примерок од 1.090 испитаници со цел да ги утврди перцепциите на македонските граѓани кон повеќе актуелни политички прашања во Република Македонија.

Во истражувањето кое беше спроведено на ниво на Република Македонија, беа опфатени сите шест изборни единици, како и повеќе демографски карактеристики на населението вклучително пол и возраст, а исто така беше направена поделба и според руралните и урбани места на живеење при што Скопје е земено како посебна целина. Сите резултати од анкетата подлежат на статистичка грешка од +/- 3 %.