ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ВО БИТОЛА

По големиот интерес и огромната посетеност кои ги предизвика минатата година, Филозофскиот Филмски Фестивал овој април се врати со своето шесто издание во рамките на кое се одржаа голем број на настани на крстопатот помеѓу филозофијата и филмот во главниот град. Во втората половина на месец април и почетокот од месец мај се планираат уште неколку настани во рамките на ФФФ караванот, а прва станица на патот на Филозофскиот Филмски Фестивал низ Македонија е Битола.

По минатогодишната успешна соработка со „Акиндин“ од Прилеп, оваа година Фестивалот реши за прв пат со по една проекција од Главната програма да биде присутен и во три градови од Републиката.

Оваа година ФФФ Караванот ќе помине низ Прилеп, Свети Николе и Битола, а Битола е првата станица на патот на ФФФ 2016. Настанот е организиран во заедничка соработка со Дебатно кино „Контра кадар“ од Битола и Турскиот културен центар „Јунус Емре“– Скопје со чија великодушна поддршка во рамките на Филозофскиот Филмски Фестивал за прв пат го донесовме „Касаба“ во Македонија, првиот игран филм на познатиот европски режисер Нури Билге Џејлан кој учествува на Берлинскиот филмски фестивал во 1998 година и е добитник на наградата од жирито.

Проекцијата ќе се одржи во рамките на Контра Кадар Фестивалот (13-16 април) во Малата сала од Центарот за културата во Битола. Проекцијата на „Касаба“ е на 13 април (среда) со почеток од 19:00 часот. По проекцијата ќе следува излагање на тема „Чехов во Анадолија – изградба на една поетска фабула“ на д-р Дејан Здравков, огромен љубител на турската кинематографија и голем познавач на делото на Џејлан, а на крајот публиката ќе има можност да влезе во отворена дискусија со предавачот инспирирана од филмот и темата.

Филозофскиот Филмски Фестивал претставува културна манифестација на Филозофското друштво на Македонија како негов организатор, а годинешното шесто издание на Фестивалот се реализира под институционално покровителство на Градот Скопје. Партнерски институции на Фестивалот се: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Филозофскиот факултет во Скопје, Кинотеката на Македонија и Универзитетот за Аудиовизуелни Уметности – Европска Филмска Академија ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.

Со вака поставената програма, Филозофскиот Филмски Фестивал ќе се обиде да го искористи потенцијалот на седмата уметност за доближување на автентичните филозофски идеи до публиката и за поттикнување на слободната и креативна критичка мисла, како и потребата од нејзино споделување