ДКСК отвори предмет за вработувања пред изборите

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе бара дополнителни објаснувања и информации за конкурсите за вработување што ги објавиле по распишувањето на претстојните парламентарни избори Министерството за правда, Македонска пошта, а.д. Скопје, ОУ „Страшо Пинџур“ од општина Карбинци и Театарот за деца и младинци.

На јавна седница, во среда, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ги разгледуваше приговорите против овие институции поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ, а според кои, со објавените огласи е прекрешен член 8­а од Изборниот законик. Со тој член е пропишано дека во изборниот период се забранува почнување постапка за вработување нови лица или престанок на работа, а почнатите постапки се ставаат во мирување, освен ако не станува збор за итни и неодложни работи, а подносителот на приговорите смета дека е прекрешен и член 16 а од Законот за спречување корупција.

Членовите на Антикорупциската комисија го отфрлија приговорот што до нив го доставила опозициската коалиција за огласот со кој токму Комисијата ангажирала администратор за информатичка технологија на определено време. Според Комисијата, се работи за веќе оправдана и итна постапка за ангажман на лице на испразнета работна позиција. За тоа работно место биле обезбедени финансиски средства и согласност од Министерство за финансии пред да биде донесена одлуката за распишување на изборите.