БИТОЛА ЌЕ ДОБИЕ ЦЕНТАР ЗА ДЕЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД

Претседателот на Светската Лајнс организација денес оствари средба со градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески. Господинот Џо Престон доаѓа од Америка, а во Битола го изрази своето задоволство од успешноста на четирите Лајнс клубови кои успешно ги исполнуваат своите обврски. Големата успешност е една од причините за започнувањето на реализацијата на еден значаен проект од голема важност за децата со оштетен вид.

„Вчера беше постигнат еден договор. Тоа е прва соработка на светско ниво помеѓу УСАИД и Интернационалниот Лајнс клуб, а таа соработка се состои во доделување на грант за децата кои имаат проблеми со видот и ќе бидат изградени 5 центри во 5 градови во Македонија, меѓу кои еден во Битола. На тој начин на децата со проблеми во видот ќе им се овозможи да можат да изучуваат настава како сите други деца, рече Кристи Вилчик, директор на УСАИД на денешната посета на општина Битола.

Градоначалникот Талески, го поздрави ваквиот проект, нагласувајќи дека градоначалникот и општина Битола остануваат отворени за соработка.

„Големо е задоволството да се биде со претседателот на Светската лајнс организација и директорот на УСАИД, затоа што тие ме изненадија со еден прекрасен проект се разбира во соработка со нашите Лајнс клубови. Идејата е одлична и значи интегрирање на децата со оштетен вид во воспитно – образовниот процес. Морам да ги пофалам членовите на Лајнс клубовите кои се изборија господинот Џо Престон да дојде во Битола и главните настани околу нивните активности денеска да ги завршат токму во нашиот град, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

Вечерва во Битола, Лајнс клубот ќе го одржи традиционалниот хуманитарен црно – бел бал.