Отворање на Фестивалот „Браќа Манаки“

ИФФК Битола ви соопштува дека вечерва започна 37 издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Многубројните гости традиционално го изодеа патот на црвениот тепих до салата  Центарот за култура, каде што се одржа свеченото отворање на фестивалот со филмот „Ослободувањето на Скопје“ и доделувањето на наградите н овогодинешните лауреати. Екипата на фестивалот заедно со бројните истакнати имиња од светската кинематографска сцена се собра пред Центарот за култура, каде што под блесокот на камерите се овековечи почетокот на 37 издание на филмксиот фестивал „Браќа Манаки“.

Свеченото отворање се одбележа најпрво со перформансот на режисерот Мартин Кочовски и со визуелен концепт на Филип Јовановски. Преку енергичниот сценски перформанс се вообличи идејата на Кочовски да прикаже неколку животни циклуси, инспирирана од мотото на фестивалот, „Movie on”, што го толкува како да се продолѓи да се снима, но и да продолжи да се живее.

Директорот на фестивалот Благоја Куновски- Доре  ги поздрави сите вљубеници во филмската уметност и го претстави жирито на фестивалот: Ајлин Алин Ташчијан, Клер Пијман, Владимир Самоиловски, Ѓокан Тирјаки и Федон Папамихаил, претседател и воедно добитник на специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес во светката филмска уметност.

Бидејќи лауреатот на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Роби Милер, не можеше да присуствува на свеченото отварање од здравствени причини, наградата му беше врачена на 3 јуни во Амстердам, во престижниот музеј „EYE“., на отворањето на големата ретроспективна излоѓба посветена на неговото дело. Во знак на благодарност, сопругата на Роби Милер, испрати писмо кое пред публиката го прочита нивната блиска соработничка и членка на жирито, Клер Пијман.

-Бидејќи поради здравствени причини Роби не е во можност да го напише овој поздравен говор, јас неговата жена Андреа, ги испраќам овие поздрави во негово име. Роби е многу почестен што ја доби оваа прекрасна награда, која што веќе му беше доделена во Амстердам во текот на отварасњето на изложбата во негова чест. Таа награда сега е сместена многу блиску до него, во нашата дневна соба. Сакаме уште еднаш да им се заблагодариме на Благој и Гена што ја донесоа неговата награда во Амстердам, како и на сите членови на фестивалот што го избраа Роби да биде добитник на „Златна камера 300“ – порача сопругата на Роби Милер и на публиката и посака да имаат субав фестивал.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, се обрати на отоврањето, поврзувајќи ги 25-те години кои ги наврши Македонија како независна Република, со развојот на филмската уметност кај нас во последниот четврт век.

-Пред четврт век, Република Македонија прогласи независност. Се соочивме со речиси сите предизвици со кои може да се соочи една држава. Со победи и падови, со успеси и порази. Кој и да го прочита сценариото за Македонија ќе види дека воопшто не ни беше здодевно во овие 25 години.Но, има еден аспект од независноста со кој речиси никогаш немавме проблеми. А тоа е полето на филмската уметност. На ова поле имаме импресивно филмско резиме. Затоа, треба да продолжиме да ги промовираме овие наши културни и уметнички вредности кои му даваат боја на сивилото – рече Иванов и го затвори обраќањето со мотото на фестивалот – Филмот започнува, почувствувај ја светлината!

Претседателот му ја додели наградата за животно дело „Златна камера 300“ на австралискиот кинематографер, оскаровецот Џон Сил,  кој беше присутен на свеченоста и имаше свое обраќање пред публиката. Сил ја изрази својата благодарност до директорот  на фестивалот Куновски и рече дека Битола е најубавиот град на светот.

-Навистина е голема чест што претседателот на Републиката ми ја доделува оваа награда. Би сакал да му се заблагодарам и на господин Куновски, како и на фестивалскиот одбор, кој ми приреди навистина топол дочек. Кога доаѓавме наваму, возачот ми рече дека Битола е најубавиот град на светот и сега откако видов, можам навистина да го потвдрам тоа!- рече Сил.

Големо чест е да се држи оваа награда од некој,  што како младо момче кое пред многу години со својата 8- милиметарска камера тргнало по светот надевајќи се дека ќе успее да најде кариера послна со задоволство и успеало во тоа.

Минав долг период на учење на занаетот и се уште учам, бидејќи со секој нов филм се учат нови работи и би сакал да им се заблагодарам на стотиците луѓе од сите филмски екипи со кои што сум работел до сега – рече Џон Сил.

Публиката во салата на Центарот за култура, на нозе му ракоплескаше на Сил.

Потоа се прикажа „Ослободувањето на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија и неговиот син Данило Шербеџија, по текст на истоимената култна претстава на Душан Јовановиќ, што е македонска премиера на филмот, кој е дел од главната програма на фестивалот Браќа Манаки.