Фестивал на Монодрама Битола

19-тиот по ред, Интернационален фестивал на монодрама Битола, започнува на 5 мај и ќе трае до 9 мај. На фестивалот, кој е од натпреварувачки карактер, учество ќе земат монодрами од повеќе земји меѓу кои: Германија, Естонија, Хрватска, Полска, Холандија, Русија, Словенија, Израел и Македонија.

Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Брачна игра“ на авторот Едвард Олби. Режијата е на Тони Михајловски, а играат Весна Петрушевска и Игор Џамбазов.

Наградата Гран-при ќе ја додели интернационалното жири во чиј состав се:актерот и професор Атила Клинче, театрологот Нина Мазур од Германија, актерката Паулет Смит од Холандија, Игор Џамбазов и претседателот на жирито, драматургот, професор и колумнист Емре Ердем од Турција.

Селектор на фестивалот е актерот Петар Мирчевски.

Фестивалот ќе биде затворен со Концертот на театарска музика на композиторот Горан Трајковски, насловен „На светов убавина“.

И оваа година, Министерството за култура го поддржа Фестивалот на монодрама Битола.