Ден Дончев: СЈО да истражи како Љубе Бошкоски е осуден со лажен заштитен сведок

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) треба да истражи како челникот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи е осуден со лажен сведок во случајот „Кампања“, рече во неделата носителот на кандидатската листа за Изборната единица 1 на Коалицијата ВМРО за Македонија, Ден Дончев

Љубе Бошкоски, лидер на Обединети за Македонија, издржуваше петгодишна затворска казна, а беше осуден за случајот „Кампања“ за нелегално финансирање на изборната кампања. Во една од ткн „бомби“, нелегално прислушувани телефонски разговори кои ги емитуваше опозициската СДСМ, за кој се тврди дека е меѓу поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и уредникот на телевизијата Сител, Драган Павловиќ Латас, се разговара за апсењето на Бошкоски во еден скопски ресторан пред телевизиски екипи.

„Бараме СЈО да го истражи случајот на апсењето и на судскиот процес на Љубе Бошкоски“, рече Ден Дончев кој со својот тим во неделата имаше повеќе средби со граѓаните на општина Карпош, со посетителите на Водно, како и пред Специјалното јавно обвинителство, каде што даде изјава за медиумите.

„Сите имавме можност преку бомбите да слушнеме како луѓе од врхушката на власта се изживуваа при апсењето, но јавноста нешто не знае. Имаме конкретни сознанија и тврдиме дека човекот со кој Бошкоски седеше во ресторанот и кој требаше законски да биде заштитениот сведок не е човекот кој се појави и сведочеше против Бошкоски. Тврдиме дека заштитениот сведок не само што не се појавил во судот, туку е лажиран заштитен сведок. Бараме СЈО овој случај да го расчисти и да добие приоритет. Имено, доколку крунскиот сведок не се појавил и не сведочел, тогаш правно гледано немало случај против господинот Бошкоски. Тоа значи дека невин човек е осуден и беше пет години во затвор. Кога на ваков начин на Бошкоски му е одземена слободата и беше во затвор цели пет години, тоа значи дека никој во оваа земја не може да се чувствува сигурен со оваа диктатура и овој режим“, прецизираше Дончев.

Тој рече дека не се тврдењата на челникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека со СЈО  политичката криза ќе се продолжела.

„Ние велиме ‘не’ господин Груевски, кризата не може да заврши додека СЈО не си ја заврши својата работа, правично и праведно, онака како што е предвидено со Пржинскиот договор и онака како што доликува на една сериозна и независна институција. Ние разбираме зошто ти можеби имаш причина да се плашиш, но правото и правдата им припаѓаат на секој поединец – без исклучоци“, порача Дончев.

Посочи притоа дека за коалицијата ВМРО за Македонија СЈО е „црвената линија од која нема отстапување“ и оти оваа институција мора да си ја заврши својата работа  професионално.